Милан испрати понуда за Јовиќ, на потег е Реал Мадрид

Милан тргнува во офанзива за да го потпише Лука Јовиќ, во обид да го спаси српскиот ас од мизеријата во Реал Мадрид. Овој голгетер воопшто не ги оправда очекувањата по трансферот од Ајнтрахт вреден 63 милиони евра, сезонава повторно е во длабока сенка на Бензема, па „кралевите“ размислуваат да дадат зелено светло за негово заминување.

Агентот Фали Рамадани денеска беше во Милано на разговори со челниците на „росонерите“, кои во Јовиќ гледаат идеално засилување за вториот дел од сезоната. Проблемот е што Милан ги има потрошено парите за трансфери за оваа сезона, па подготви понуда за шестмесечна позајмица, со клаузула за задолжителен откуп на договорот со Реал Мадрид во текот на летниот преоден рок.

На потег се челниците на Реал, кои ќе мора час поскоро да донесат одлука дали да се ослободат од српскиот интернационалец, кој ионака не добива преголема минутажа кај тренерот Зидан. Бројките говорат најдобро – Лука Јовиќ од 2019 година досега има одиграно 32 средби за Реал, притоа постигнувајќи само два погодоци.

Се вчитува...