Повеќе од еден месец Милан водеше преговори со Џошуа Циркзе и неговиот агент, но „росонерите“ се на добар пат да извисат во трката за потпис на фудбалерот кој сезонава блескаше во дресот на Болоња. Последните информации велат дека холандскиот репрезентативец донел одлука да си замине од Калчо-лигата, а негова следна дестинација ќе биде англискиот гигант Манчестер Јунајтед.
„Црвените ѓаволи“ дваесетина дена по крајот на сезоната беа тивки на пазарот, но откако Тен Хаг беше задржан на клупата челнциците на Јунајтед тргнуваат во офанзива за што поскоро да доведат нови фудбалери на „Олд Трафорд“. Тен Хаг бара уште еден нов голгетер, а фактот дека Циркзе може да игра на различни позиции во нападот го прави холандскиот репрезентативец идеален за „ѓаволите“ во овој преоден рок.
Згора на тоа, нема потреба од преговори со Болоња бидејќи откупната клаузула изнесува 40 милиони евра, сума што „ѓаволите“ се подготвени да ја платат. Англиските медиуми информираат дека во претходните 48 часа се водени интензивни преговори со агентот на Холанѓанецот, кој се согласил дури и за намалување на својата провизија за трансферот што поскоро да биде реализиран. Според овие најави, веќе во следните два дена би требало да биде активирана клаузулата за откуп од Болоња,а трансферот ќе биде официјално потврден по завршувањето на настапот на Холандија на ЕВРО 2024, по што фудбалерот би ги минал и лекарските прегледи пред да биде официјално промовиран во најново засилување на Јунајтед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА