Поранешниот европски првак Милан е сериозно заинтересиран за ангажман на македонскиот репрезентативец Илија Несторовски. Новиот спортски директор на „росонерите“, Масимилијано Мирабели, имал состанок со раководството на Палермо и понудил 15 милиони евра, кои би биле исплатени на три рати, за да го ангажира Несторовски во летниот преоден рок. Тренерот Винченцо Монтела и новото раководство на Милан во Нестор-гол го гледаат наследникот на легендарниот Пипо Инзаги.
Милан на Илија Несторовски ќе му понуди петгодишен договор, со годишна плата од 1,5 милиони евра, која би се зголемувала секоја наредна сезона, доколку тој продолжи со својот голгетерски ефект во Серија А. Оваа сезона во дресот на Палермо тој постигна десет гола во италијанскиот фудбалски шампионат. За жал, неговиот тим Палермо, каде што настапува и уште еден македонски репрезентативец, Александар Трајковски, го загуби прволигашкиот статус и следната сезона ќе игра во Серија Б.
За Нестор-гол се интересира и Фиорентина, а исто така постои интерес и од шпанските прволигаши Севилја и Атлетико Мадрид. Од Премиер – лигата, најзагреан за услугите на Несторовски е Евертон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА