Милан носи бројни засилувања во своите редови за новата сезона, па јасно е дека „росонерите“ ќе треба и да се ослободат од дел од играчите на кои тренерот Пиоли не смета сериозно. Еден од нив е и Анте Ребиќ, кој конечно ќе си замине од „Сан Сиро“ и ќе се пресели во Турција, откако Милан ги договори сите детали од трансферот во Бешикташ.
„Црно-белите“ од Истанбул инсистираа на позајмица во која Милан ќе исплаќа дел од платата на Ребиќ, опција за која „росонерите“ не сакаа ни да чујат. Бешикташ во меѓувреме направи простор во буџетот за целосно да ја покрие платата на крилниот офанзивец, по што италијанскиот гигант даде зелено светло, па Ребиќ во следните 24 часа ќе отпатува за Истанбул, на лекарски прегледи и потпис со новиот клуб.
Бешикташ исто така се интересира и за Месијас од редовите на „росонерите“, но нуди само едногодишна позајмица што не е опција за Милан бидејќи овој фудбалер секако следната година ќе стане слободен играч. Јасно е зошто „росонерите“ ќе настојуваат на перманентен трансфер и заработка, а во моментов единствената конкретна понуда за Месијас е онаа од Торино, во висина од два милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА