Баерн веќе ја почна потрагата по нов лев бек откако на челниците на баварскиот гигант им стана јасно дека Дејвис не сака да потпише нов договор и летово ќе си замине од „Алијанц Арена“. Преговорите траат предолго, но фактот дека канадскиот интернационалец инсистира на плата од 20 милиони евра е јасен знак за баварците дека тој настојува да истурка трансфер во Реал Мадрид, нешто што пред неколку години го стори Давид Алаба.
Челниците на Баерн тогаш беа тврдоглави и одбија преговори со Реал, на крајот Алаба без никаква отштета како слободен играч се пресели во Мадрид, но таа лекција е научена па баварскиот гигант е подготвен да разговара со „кралевите“ и се очекува да заработи најмалку 30 милиони евра од овој трансфер.
Замената на Дејвис сепак ќе биде значително поскапа ако се знае дека на врвот на листата со желби се наоѓа Тео Хернандез, офанзивниот лев бек кој и сезонава игра извонредно во дресот на Милан. Сепак, проблем за баварците е што италијанскиот тим не брза со продажба (Тео има уште неколку години од договорот), па „росонерите“ би дале зелено светло за трансфер само ако некој плати 100 милиони евра за Французинот. Со таа сума Хернандез би станал најскап дефанзивец во историјата, но во Милан се убедени дека одличниот бек навистина вреди богатство и не сакаат воопшто да преговараат под оваа граница.
Баварците до пред некоја година жестоко протестираа на трендовите во светскиот фудбал да бидат плаќани огромни суми за нови фудбалери, па останува да се види дали германскиот шампион ќе ги погази сопствените принципи и ќе издвои рекордна сума за овој квалитетен дефанзивец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА