Милан го ангажираше Алваро Мората како засилување за нападот за новата сезона, но „росонерите“ немаат намера да застанат тука. Напротив, планот на Златан Ибрахимовиќ е да биде доведен уште еден искусен голгетер што би ја засилил конкуренцијата за овој дел од екипата, а на врвот на листата со желби се наоѓа Никлас Филкруг од Борусија Дортмунд.
Корпулентниот напаѓач и на последното европско првенство покажа дека важи за извонреден стрелец, максимално користејќи ги шансите иако беше прва резерва на Каи Хаверц во германскиот напад. Тој има договор со Борусија Дортмунд до јуни 2026 година, но „милионерите“ летово го ангажираат Гираси од Штутгарт, по што се подготвени да дадат зелено светло за заминување на Филкруг ако добијат интересна понуда за овој фудбалер.
Филкруг веќе има 31 година, па затоа и неговата цена нема да биде премногу висока, а според „Скај Италија“ пораката од Дортмунд до Милано била дека ќе треба да се издвојат 15 милиони евра за да се осигура потписот на германскот репрезентативец. Самиот фудбалер е заинтересиран за преселба во Милан, па на потег е управата на „росонерите“, што поскоро да постигне договор со Борусија за Филкруг по враќањето од одмор (задоцнето, поради настапот на ЕП) директно да замине за Италија и да му се стави на располагање на тренерот Фонсека.
Неговиот трансфер ќе значи и сигурно заминување од „Сан Сиро“ за Лука Јовиќ, за кого постои интерес од турски Фенербахче, како и од неколку клубови од Русија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА