Само неколку дена по одличниот настап во Лондон и обезбеденото четвртфинале во Лигата на Шампионите, фудбалерите на Милан целосно потфрлија на домашната сцена губејќи со 3-1 на гостувањето против Удинезе. Тимот на нашиот Илија Несторовски (не влезе во игра) се покажа како цврст орев, добро ги затвори приодите кон сопствениот гол, но и мајсторски ги искористи шансите што ги создаде, сосема заслужено освојувајќи три бода против актуелниот шампион на Италија.
Мечот почна одлично за „фриулијаните“, кои поведоа во 9. минута преку Переира кој го изненади голманот Мењан со шут по одличниот продор на Самарџиќ.
Најинтересен дел од мечот беше завршницата од првото полувреме, најпрвин судијата со помош на ВАР досуди пенал за Милан што Ибрахимовиќ го реализираше од втор обид, за Удинезе нецела минута подоцна да поведе со 2-1 преку Бето.
„Росонерите“ се отворија во обид да стигнат до израмнување, но по неколкуте неискористени полушанси казната стигна на спротивната страна, кога Ехизибуе втрча од позадина и од непосредна близина ја затресе мрежата на „росонерите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА