Леонардо Бонучи од денеска и официјално е член на Милан откако „росонерите“ го комплетираа транферот вреден 42 милиони евра за дефанзивецот на Јувентус и на италијанската репрезентација. Сите детали со „старата дама“ беа договорени уште во текот на минатата седмица, за по минувањето на лекарските прегледи денеска и официјално да биде потврдено дека Бонучи станува член на „црвено-црното семејство“ од Милано.
„Со огромно задоволство можеме да објавиме дека потпишавме договор со Леонардо Бонучи од Јувентус. Овој фудбалер потпиша договор со важност до 30 јуни 2022 година“ – се вели во соопштението на „росонерите“.
Своето задоволство од добиеното засилување не го криеше ниту тренерот Винченцо Монтела.
„Тој е фантастичен играч со богато искуство. Мислам дека Бонучи и Рамос се најдобрите централни дефанзивци во светот, да му биде тренер на Лео ќе биде исполнување на сонот“ – истакна Монтела.
Веќе е јасно дека „росонерите“ во следната сезона ќе настапуваат со целосно „реновирана“ одбрана, во која крај Бонучи ќе игра Мусакио, кој пристигна од Вилјареал, додека први опции на бековските позиции ќе бидат уште две засилувања, Конти од десната и Родригез од левата страна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА