Милан против Арсенал – Два великани во потрага по утеха во Лигата на Европа

Милан вечерва го пречекува Арсенал на „Сан Сиро“ во првиот осминафинален дуел во Лигата на Европа. Познавајќи ја големината на двете екипи, може да се каже дека двомечот помеѓу „росонерите“ и „топчиите“ ќе биде „војна на титаните“ во ова натпреварување, бидејќи важат за едни од главните фаворити за освојување на пехарот.

По пауза од шест години, Арсен Венгер со неговиот Арсенал повторно ќе биде гостин во фудбалскиот храм во Милано, а од „Сан Сиро“ нема убави спомени, особено од последното гостување. Во осминафинална пресметка во рамките од ЛШ, при првиот дуел Милан го декласираше лондонскиот клуб со 4-0, доволно за пласман во следната фаза и покрај поразот од 3-0 на „Емирати“ во реваншот. Сега се наоѓаат во малку поинаква средина, она помалку важно европско натпреварување.

Но, Арсенал цели на спас за сезоната со рецептот на Жозе Мурињо, кам-бек во фудбалската елита преку освојување на трофејот од Лигата на Европа, бидејќи друг пехар за борба не им остана. Одамна се надвор од трката за титула во Англија, која и самата е завршена, од Сити го загубија и финалето од Карабао купот, а беа и елиминирани во рана фаза на ФА купо. Меѓутоа, моменталната форма им е најголем непријател, фудбалерите на Венгер претрпеа четири последователни порази во сите натпреварувања, вклучувајќи го и поразот од Сити во финалето на Карабао Купот на Англија. Сепак, формата при вакви дуели не игра голема улога, едно е да се игра против Милан, друго против Брајтон, а за Арсенал има само две можни сценарија: Или Милан ќе биде нивна „отскочна даска“за конечно работите да тргнат на подобри, или пак агонијата ќе продолжи.

„Пред нас е тежок период, во кој ни се случуваат многу негативни работи. Но, преку ваквите тешки дуели се покажува квалитетот и силата на екипата, треба да ја искористиме оваа шанса да покажеме дека можеме да градиме успеси и во тешки периоди“, истакна Венгер.

Во Милано пак, пролет пред време. Џенаро Гатузо ја презеде одговорноста да внесе дисциплина во „распуштената банда“, па со неговиот авторитет не му беше потребно многу време да почне да мава шлаканици наоколу. Од екипа која делуваше на теренот како да е без компас, од истите играчи Гатузо направи тим кој сега е страв и трепет за противниците во Италија, односно полека, но сигурно го враќа на оние стари патеки, шампионски. За кратко време Гатузо го донесе Милан до ситуација да се бори за трофеј, ќе играат финале против Јувентус во италијанскиот Куп. Во потрга по мотивација, доколку не е доволен фактот дека ги очекува пресметка со Арсенал, фудбалерите сигурно се расположени бидејќи се во победничка серија од шест меча, односно 14 меча без пораз во сите натпреварувања.

„Овие два меча ќе бидат навистина интересни и неизвесни. Мојата иновативна фудбалска филозофија против искуството на Венгер. Но, двомечот не се работи за нас, туку за 22 играчи кои ќе дадат се од себе за нивниот тим на крај да слави. Многу се подготвувавме за оваа пресметка, она што го забележавме од минатите натпревари на Арсенал е дека тие се технички спремни, но ја занемаруваат одбраната кога грешат. Наша работа е да не дозволиме да бидеме лесно совладани, ќе треба да ги наттрчаме и да ги умориме кога ние ќе ја имаме топката, така ќе имаме поголеми шанси за триумф“, истакна Гатузо.

Венгер нема многу избор за првата постава, Обамејанг не може да игра бидејќи веќе настапуваше сезонава за Дортмунд во ЛЕ, Лаказет се уште се опоравува од повреда на коленото, па најистурен во нападот се очекува да биде Дени Велбек. Голема главоболка создава и отсуството на шпанското дуо на бековските позиции, Монреал и Белерин отсуствуваат поради мали повреди, нивни замени ќе бидат Колашинац лево, и Чемберс десно, или евентуално ќе игра со Мустафи како десен бек. За Милан вон строј е само Матео Мусакио, останатите се подготвени.

Најавени формации:

Милан, 4-3-3: Донарума, Калабрија, Бонучи, Ромањоли, Родригез, Кеси, Билја, Бонавентура, Сусо, Чалханоглу, Кутроне.

Арсенал, 4-3-3: Оспина, Чемберс, Кошчиелни, Мустафи, Колашинац, Ремзи, Џака, Вилшер, Мхитаријан, Озил, Велбек.

Останати натпревари 1/8 финале Лига на Европа:

Атлетико Мадрид – Локомотив Москва

Борусија Дортмунд – Салзбург

ЦСКА Москва – Лион

Лацио – Динамо Киев

Марсеј – Атлетик Билбао

Реб бул Лајпциг – Зенит Санкт Петербург

Спортинг Лисабон – Плзен

 

Се вчитува...