Милан Ристовски за премрежјето низ кое мина на личен план, а за кое никој не знаел: „Сакав да се откажам и од фудбалот…“

Македонскиот репрезентативец Милан Ристовски, во разговор за словачки „Спорт 24“откри и еден навистина тежок период од својот живот, а поврзан со неговото семејство, поради кој под силен емотивен набој во еден момент размислувал и за откажување од фудбалот.

„Тоа е нешто за кој никој не знаеше во јавноста, но таа последна година од договорот во Трнава ја минав низ еден вид пекол на личен план. Мојата мајка беше болна, со сериозни здравствени проблеми. Кога најпрв дознав, мислев дека нема да биде ништо сериозно, се ќе помине… Но, нејзината состојба постепено се влошуваше. Се обидов да не дозволам тоа да влијае на мојата игра или на мојот ум, но не функционираше. Имаше големо влијание. Едноставно не можев да се изборам со таа болка за која никој не знаеше“ – раскажува Милан Ристовски и дополнува:

„Па, едноставно морав да го завршам договорот со Трнава порано, во ноември, бидејќи морав и сакав да бидам со моето семејство. Се сретнав со тренерот Михал Гашпарик лично и му објаснив сè. Тој ме разбра и ме пушти. Сакав да продолжам напред, се борев постојано со тага и солзите, но тоа влијаеше врз мене. Потоа направив пауза кога завршив во Трнава, и кога бев сам, воопшто не размислував за фудбал. Во тоа време размислував да останам во Македонија и да направам пауза од фудбалот околу шест месеци, па потоа да барам нов клуб“.

Сепак, и покрај смртта на неговата мајка, Милан цврсто се одлучува да граби низ кариерата…

„Знаев дека ако направам пауза потоа ќе биде многу тешко да се вратам. Бидејќи ако останев во Македонија, во таа негативна атмосфера, не мислам дека воопшто би помислил да се вратам на фудбалот. Татко ми и јас одлучивме дека ќе одам во Прага најмалку шест месеци. Беше многу тежок период за мене. Иако дојдов во Бохемијанс, на почетокот не бев многу фокусиран на фудбалот. Постепено се подобрував на психолошки план и денес можам да кажам дека сум многу среќен што останав во фудбалот и што повторно почнав да уживам во него“ – вели Ристовски.

Во разговорот за „Спорт 24“ македонскиот напаѓач се осврнува и на мартовскиот бараж за СП 2026 кој ја очекува Македонија против Данска, а потоа и евентуално против Чешка или Р. Ирска.

„Јасно е дека Данците, кои имаат одличен тим, се фаворити. Направивме голем напредок во последните две години, создадовме добра атмосфера, ја подобривме соработката и создадовме тим кој функционира и постигнува резултати. Нашата најсилна страна е тимската работа, што мора да ја покажеме и сега. Секако, ќе биде многу тешко, но заедно со навивачите кои цел живот чекаат на Светското првенство, ќе се бориме со 300% од своите можности.“

Се вчитува...