Милан сака да го продаде Ориги

Паоло Малдини изведе бројни фантастични потези на трансфер-пазарот во последните години, но Дивок Ориги не е еден од нив. Белгискиот напаѓач пристигна како слободен играч од Ливерпул, но дури и во ситуација кога Златан Ибрахимовиќ беше повреден Ориги не успеа да се наметне кај тренерот Пиоли за место во првиот тим.

Недоволната физичка подготвеност е сериозен проблем, но таа се должи на низата повреди што Ориги ги имаше. Впрочем, Белгиецот неодамна повторно се повреди, поради што ќе го пропушти и стартот на 2023 година, зголемувајќи ги фрустрациите, како кај навивачите, така и кај управата на клубот.

Највисокото раководство донело одлука екс-фудбалерот на Ливерпул да биде продаден што поскоро, но фактот дека Ориги повторно е повреден ќе го искомпликува евентуалниот трансфер во текот на јануарскиот преоден рок. Малдини сепак ја признава грешката и е решен да го продаде Ориги најдоцна до јули 2023, со што би отворил простор за ангажман на нов голгетер во тимот.

Се вчитува...