Николо Заниоло ја разбранува италијанската фудбалска јавност со инсистирањето на заминување од Рома, што се претвори во бламажа откако ниту еден од клубовите кои појавуваа првичен интерес не испрати официјална понуда за крилниот офанзивец. Тотенхем прв покажа интерес, но веднаш се повлече, Заниоло не криеше дека сака во Милан, но ниту „росонерите“ не доставија понуда до Рома за негов ангажман.
Проблемот е финансиски, Милан не може да си дозволи скап трансфер во јануари, а опцијата за позајмица беше уште во стартот отфрлена од раководството на Рома. Единствената понуда пристигна од премиерлигашот Борнмут, кој е подготвен да плати 30 милиони евра, плус 10% од следниот трансфер на Италијанецот.
Заниоло не сака да замине во „мал клуб“ со кој ќе се бори за опстанок, но со ваквиот став само ги налути челниците на Рома. Римјаните испратиле ултиматум до својот фудбалер – или ќе се пресели во Борнмут за клубот да заработи на негов трансфер, или ќе остане на „Олимпико“, трета опција не постои. Тој секако ќе биде казнет за одбивањето да тренира во последните денови, а Рома може дополнително да го санкционира и да го продаде дури летоска, со оглед на фактот дека има договор до јуни 2024 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА