Челниците на Милан ги планираат следните потези на фудбалскиот пазар, но паралелно со тоа го финишираат и проектот за изградба на нов стадион на кој „росонерите“ ќе бидат домаќини.
Уривањето на „Сан Сиро“ е тема на која подолго време се дискутира во италијанската јавност, а Милан е подготвен да го напушти овој фудбалски грам и да изгради сопствена арена. Впрочем, целиот проект е веќе направен и испратен до градските власти, од каде се очекува зелено светло во текот на следната седмица.
Станува збор за изградба на мултифункционален објект на површина од 486,283 метри, покрај стадионот ќе може да се најде нов музеј за историјата на Милан, хотел со 200 соби, модерна продавница на италијанскиот гигант, но и трговски центар каде би можеле да се купат најразлични брендови.
Целокупната инвестиција изнесува 1,28 милијарди евра што „росонерите“ тврдат дека ќе ги обезбедат ако добијат зелено светло за да почнат со реализација на овој амбициозен проект. Доколку градскиот совет го прифати проектот на Милан, со изградба би можело да се стартува на почетокот од 2025, а новиот стадион би бил финиширан најдоцна до летото 2027 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА