Милан тргна во офанзива по Елиф Елмас

Милан ја интензивира потрагата по ново квалитетно засилување за средниот ред, а високо на листата на желби на тренерот Пиоли се наоѓа македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.

„Росонерите“ по добиената трка за скудетото сега се фокусираат на трансфер-пазарот, а во последните денови ги интензивирале и контактите со Наполи околу „дијамантот“ од Македонија. Универзалноста на Елмас, кој може да игра на различни позиции во средниот ред, па дури и во напаѓачкото трио, го прави Елиф идеален кандидат за италијанскиот првак, кој во наредните денови ќе испрати и официјална понуда.

Италијанските медиуми јавуваат дека Милан официјално побарал од Наполи информација на колку е проценет Елмас, а штом ќе добие одговор од Де Лаурентис ќе следи и првата понуда на „росонерите“. „Наполитанците“ најавуваат мини-ремонт во текот на летово и лесно може да се случи Елмас да биде еден од фудбалерите што ќе си заминат, без оглед на фактот дека македонскиот репрезентативец има договор со клубот до 2025 година.

Наполи го плати Елмас 16 милиони евра при трансферот од Фенербахче, а се очекува калчолигашот од Неапол да бара 30 милиони евра на стартот од преговорите со „росонерите“.

Елмас настапи на 46 средби за Наполи во сите натпреварувања минатата сезона, притоа постигнувајќи седум гола и шест асистенции.

Се вчитува...