Управата на Милан се соочува со огромни проблеми да ги задржи клучните фудбалери, минатото лето од „Сан Сиро“ како слободни играчи си заминаа Донарума и Чалханоглу, а нивните стапки сега ги следи и Франк Кеси.
Овој фудбалер заврска има договор до јуни 2022, „росонерите“ веќе му испратија неколку понуди што Кеси експресно ги одби. Последната понуда беше за нов тригодишен договор за плата од 6,5 милиони евра по сезона (сума што ја бараше, но не ја доби Чалханоглу), но одговорот од страна на фудбалерот и неговиот агент бил негативен. Како што јавуваат италијанските медиуми, Кеси инсистира на плата од девет милиони евра по сезона, сума што „росонерите“ немаат намера да ја платат, па огромна е опасноста Милан и следното лето да остане без ас од своите редови, кој би си заминал без никаква отштета.
Антонио Конте го посакува Кеси како еден од клучните играчи во неговиот нов проект во Тотенхем, понуди за овој фудбалер подготвија и Арсенал и Манчестер јунајтед, па се чини дека интернационалецот од Брегот на Слоновата Коска ќе ги добие парите што ги бара. Само што тоа нема да биде во Милан…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА