Милан во текот на летото се обидуваше да го доведе Хаким Зијеш од Челси, но откако не успеа да се договори со лондонскиот премиерлигаш, италијанскиот првак на крајот се реши за „План Б“ и го купи Де Кетеларе од Бриж.
Белгискиот репрезентативец е далеку од посакуваната форма, тој не може да се избори за место во стартниот тим на „росонерите“, а тренерот Пиоли инсистира на доведување на нов играч кој би ја засилил навалната линија. Малдини има план, па реши да ги обнови преговорите со Челси за Зијеш, кој остана да ја грее клупата и по заминувањето на Тухел. Веќе е јасно дека за Мароканецот нема иднина на „Стемфорд бриџ“, но неговите добри игри на СП 2022 беа доволна причина за Милан да се врати во игра и да испрати официјална понуда до „сините“.
„Росонерите“ сакаат да го доведат Зијеш на позајмица до крајот на сезонава, период во кој би ги покриле преостанатите три милиони евра што тој треба да ги земе од Челси до јуни. Воедно, во понудата има опција италијанскиот гигант летово целосно да го откупи неговиот договор со Челси за дополнителни 15 милиони евра.
На потег е управата на лондонскиот клуб, која летово не успеа да се ослободи од екс-фудбалерот на Ајакс, но сигурно ќе се обиде да го стори тоа во јануарскиот преоден рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА