Големиот број на повредени фудбалери сериозно влијаеше врз резултатите на Милан во првиот дел од сезоната, принудувајќи ја управата на клубот да реагира и да се активира на пазарот во јануарскиот преоден рок. Првиот чекор беше направен со враќањето на Габија од позајмицата во Вилјареал, а во завршна фаза се преговорите за уште две нови засилувања кои во наредните денови би му се ставиле на располагање на тренерот Пиоли.
Првиот е италијанскиот талент Филипо Терачано, кој настапува како офанзивен бек во тимот на Верона. Терачано е стандарден првотимец во младинската репрезентација на Италија, иако има 20 години настапи на сите средби на Верона сезонава, а импресионира со својата универзалност бидејќи одлично се снаоѓа и на десната и на левата страна. Двете страни имаат постигнато начелен договор трансферот да изнесува почетни 4,5 милиони евра, а дефанзивецот во текот на викендов би требало да ги мине лекарските прегледи, по што ќе следи и потписот на договорот со Милан.
Веднаш по тој трансфер „росонерите“ ќе се насочат кон напаѓачката позиција И повторно приоритет не е познат, туку млад и перспективен фудбалер, во случајов Јон Дуран од Астон Вила. Премиерлигашот плати 17 милиони евра во јануари 2023 за да го доведе Дуран од Чикаго Фајр, но тој не доби премногу шанси за докажување крај извонредниот Оли Воткинс. Во таква ситуација, челниците на Астон Вила самите го понудиле Дуран на Милан, а „росонерите“ сериозно размислуваат да го доведат овој фудбалер на „Сан Сиро“, но само ако во договорот биде вклучена клаузула за откуп и задржување на Дуран доколку овој напаѓач ги задоволи вкусовите на италијанскиот гигант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА