Навивачите на Милан имаат причина за задоволство откако Паоло Малдини заврши уште една одлична работа, успевајќи да го задржи Рафаел Леао во клубот уште најмалку неколку сезони. Леао летово требаше да влезе во последната година од договорот, а „росонерите“ ќе беа принудени да го стават на продажба, но тоа нема да се случи откако долгите преговори конечно вродија со плод, па Португалецот е подготвен да потпише долгорочен договор со важност до јуни 2028 година.
Информацијата ја пренесоа сите релевантни италијански медиуми, според кои агентот на Леао веќе е во Милано и се очекува најдоцна за 48 часа договорот и официјално да биде потпишан. Платата што португалскиот крилен офанзивец ќе ја зема во клубот е седум милиони евра по сезона, плус два милиони како бонус доколку бидат активирани неколку клаузули.
Челси, Арсенал, Реал Мадрид и ПСЖ беа клубовите кои покажуваат сериозен интерес за одличниот офанзивен играч, но Леао оцени дека Милан е вистинскиот клуб за него во моментов, одбивајќи и понуди со повисока плата за да остане на „Сан Сиро“.
Останува да се види дали Рафаел Леао ќе може да настапи на вечерашното полуфинале од ЛШ против Интер, откако Португалецот допатува во тимскиот хотел на „росонерите“ со остатокот од екипата на неколку часа пред почетокот на натпреварот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА