Миленикот на Тен Хаг доаѓа на „Олд Трафорд“ – Манчестер јунајтед повторно ќе пазари во Холандија

Манчестер Јунајтед е подготвен да го реализира и вториот трансфер во летниот преоден рок, откако влезе во завршна фаза од преговорите за ангажман на Лисандро Мартинез. Аргентинскиот дефанзивец беше незаменлив во одбранбената линија на Ајакс под водство на Тен Хах, па холандскиот стручњак неслучајно по преселбата во Премиер-лигата сака во Манчестер да го доведе и Мартинез.

Арсенал претходно се интересираше за овој фудбалер, но понудата од 30 милиони фунти на „топчиите“ беше експресно одбиена. Јунајтед е далеку поконкретен во офанзивата, па „црвените ѓаволи“ испратиле понуда од почетни 40 милиони евра, што со неколку остварливи клаузули може да порасне на 50 милиони евра. Во Ајакс се свесни дека ова е понуда што тешко се одбива, па за денеска е закажан нов состанок на раководството на холандскиот гигант, по што се очекува да биде дадено зелено светло за преселба на Мартинез на „Олд Трафорд“.

Покрај Маласија и Мартинез, „црвените ѓаволи“ го имаат договорено и трансферот на Кристијан Ериксен, кој ќе пристигне како слободен игра по истекот на договорот со Брентфорд.

Во центарот на вниманието кога станува збор за Јунајтед останува Кристијано Роналдо и желбата на Португалецот што поскоро да си замине од Манчестер. Доколку тоа се случи, Тен Хаг ќе тргне по уште еден фудбалер на Ајакс, Бразилецот Ентони, во кого новиот тренер гледа идеален предводник на нападот на новиот Манчестер Јунајтед.

Се вчитува...