Со стартот на зимските подготовки за пролетниот дел од сезоната во домашниот шампионат, и раководството на Вардар на средба со медиумите изнесувајќи ги досегашните активности на клубот но и плановите и визиите за функционирањето низ вториот дел од сезоната.
Извршниот директор на Вардар, Миленко Неделковски информираше дека конечно е постигнат договор и од утре акционерското друштво ФК Вардар ќе биде одблокирано од Управата за јавни приходи (УЈП) како би се продолжило со нормалното финансиско функционирање.
„Утре УЈП ќе ја тргне блокадата кон Вардар, откако постигнавме договор на 36 месеци да се отплати долгот, кој кон УЈП изнесуваше околу 3 милиони. Очекувам на средината на полусезоната да бидеме комплетно расчистени со долговите, со тоа што и доверителите ќе бидат исплатени наскоро. Има и 200.000 евра долг кон Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор“ – истакна Неделковски.
Првиот човек на црвено-црните најави дека веќе се обезбедени и странски инвеститори кои ќе вложат во најтрофејниот македонски клуб кој од следната сезона би имал буџет од околу три милиони евра.
„Имаме обезбедено и средства од странски инвеститори. Сметам дека од лето натаму Вардар би имал околу три милиони евра годишен буџет, секако со обезбедени финансиски средства и за ратите кон УЈП. Јас знам дека сите сакаат веднаш резултати, но мора да се знае дека најпрво треба да направиме клуб, да се врати долгот кој изнесува околу пет милиони евра заклучно со 31 декември 2024 година. Сето тоа треба најпрво добро да се менаџира за да се создаде клуб каков што посакуваме а потоа секако фокусот е и на резултатското враќање на старите патеки“ – дополни Миленко Неделковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА