Селекторот Јошко Миленкоски во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА, меѓу другото, ја објасни и одлуката за повторно, по третпат во својата кариера, да се врати на клупата на македонската репрезентација.
Националниот тим денеска во Струмица, во хотелот „Горан Пандев“, го има првиот собир за настапите во Златната Европска лига, а како подготовка потоа и за квалификациите за пласман на ЕП 2026. А, добро е познато дека најголемите свои успеси во историјата македонската одбојкарска репрезентација ги има под палката на Јошко Миленкоски…
„Откако после тој успешен настап на Европското првенство 2023 и пласманот во осминафиналето, што е најголем успех за нашата репрезентативна одбојка во истоијата, се повлеков од националниот тим, јас секако останав во контакт и со челниците на Одбојкарската федерација на Македонија но и со сите наши репрезентативци со кои и натаму разговаравме за се во мак-одбојката. Па, оваа година по разговори со раководството на ОФМ, но пред се и на инсистирање на репрезентативците се одлучив повторно да се вратам во националниот тим но се неколку услови кои беа клучни“ – вели Миленкоски и дополнува:
„Јас сум тренер кој пред се бара услови за да моите играчи бидат задоволни како би можел да работам во еден нормален тренажен процес. Задоволни играчи кои ќе бидат на нивото на она што јас го барам од нив. Затоа побарав и од нашата федерација да го немаме она искуство ‘спартанско’, и моето враќање беше единствено под услов играчите да ги добијат сите неопходни услови како би барале и резултати. Јас од оваа цела работа немам некој бенефит, за што ми треба афирмација…? Одлуката беше до август, до квалификациите за европско првенство да помогнеме да се пласираме на уште едно европско првенство, па потоа федерацијата да најде подолгорочно решение на таа позиција а мојата улога тука би била да создадеме систем со кој ќе едуцираме тренери за работа во клубовите кои ќе произведуваат млади играчи и нашата репрезентација да има од каде да ги црпи тие таленти за да може да постигнува резултати“.
======================================================
ГЛЕДАЈ ГО КОМПЛЕТНИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ЈОШКО МИЛЕНКОСКИ И НИКОЛА ЃОРГИЕВ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

