Миленковски: Нема да биде лесно со Данска, првите мечеви секогаш се најтешки

Македонската одбојкарска репрезентација пред домашна публика во СЦ Борис Трајковски во 20 часот, го почнува настапот на Европското првенство. Данска ќе биде противникот на Македонија на „премиерата“. Покрај Данска, во групата со Македонија се уште и селекциите на Полска, Холандија, Чешка и Црна Гора. Првите четири продолжуваат во следната рунда.

Селекторот Јошко Миленковски смета дека ова ќе биде најтежок меч од психолошки аспект, затоа што се игра пред домашна публика и сите чекаат победа, но напомена дека Данска е квалитетна селекција и дека воопшто нема да биде лесно.

„Најважен и најтежок меч, пред се од психолошки аспект затоа што сите очекуваат победа. Нема да биде лесно, затоа што играме против противник кој ја совлада Хрватска, и се претстави во добро светло и го покажа квалитетот. Направивме добри анализи, најголем акцент ставивме на мечот со Данска, и се надеваме дека ќе вроди со плод. Ако не играме максимално, тешко може да очекуваме успех. Ова е Европско првенство, најдобрите репрезентации се тука и сите со големи амбиции, така што за нас е еден голем предизвик и голема обврска. Го чувствуваме сите тој притисок, верувам дека до почетокот на натпреварот ќе се носиме со тој притисок. Фокусирани сме, и само со ладни глави и трпеливост може да постигнеме резултат“, рече Миленковски.

Се вчитува...