Фудбалската репрезентација на Македонија претрпе пораз од Црна Гора со минимални 1-0 во вториот пријателски натпревар кој беше одигран во Анталија, Турција. Македонија на овој натпревар беше подобра, имаше посед и креираше повеќе шанси, но пресуди голот на Јоветиќ пред самиот крај на првото полувреме.
Селекторот Благоја Милевски даде свој поглед на средбата велејќи дека доколку Македонија изгледа вака во иднина на тактички план може да биде пресреќен.
„Ако Македонија изгледа вака во иднина, зборувам за играта, за тоа што го исполнија фудбалерите на тактички план, јас ќе бидам многу среќен. Се разбира, не можеме да бидеме задоволни од резултатот, кој е најважен, но не и на вакви контролни натпревари. Црна Гора, освен шутот од кој го постигна голот, не упати ниеден удар кон нашиот гол. Ние доминиравме, посебно во првото полувреме кога имавме и неколку шанси. Се останато што побарав од фудбалерите беше комплетно исполнето. Да, имаме проблеми при бранење на прекините, при корнерите, и тоа денеска се обидовме да го промениме, игравме еден вид на зона. Секако, се случуваат грешки и ќе мора да работиме и понатаму. Мора да кажам дека ова беа одлични проверки, од кои ќе имаме многу полза во иднина и мислам дека сме на добар пат“, изјави Благоја Милевски по поразот од Црна Гора.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА