Македонскиот селектор Благоја Милевски по соопштувањето на списокот за квалификациските натпревари против Белгија и против Кзахстан, очекувано и со свое видивување за тоа што не очекува на јунскиот репрезентативен собир.
Јасно е дека на 6. јуни во Скопје не очекува една од најдобрите светски селекции Белгија, Македонија се соочува и со проблеми со повредени фудбалери, но факт е дека репрезентативните избраници секогаш се повеќе од мотивирани за најтешките предизвици.
„Не чекаат тешки натпревари против Белгија и Казахстан, но секогаш потенцирам дека Македонија како и секогаш кога имала проблеми се издигнува и дава максимум. Сигурен сум дека така ќе биде и сега. Фокус е насочен кон Белгија како прв противник и желбата да парираме на репрезентација која е меѓу Топ 5 во Европа. Тие имаат индивидуален и тимски квалитет на највисоко можно ниво, не треба да се нагласува колку сериозен противник, но наше е да го дадеме максимумот“ – истакна Милевски, притоа дополнувајќи:
„Навикнати сме на селекторски промени кај нашите противници, досега пет-шест репрезентации имале откако сум селектор. Гарсија ја водеше Белгија против Украина во баражот во Лигата на нации, па сите информации ни се од тие два натпревари. Имаме план и стратегија, ама треба да видиме кои играчи ќе можат да ги исполнат. Треба да видиме на кој од фудбалерите ќе можеме да сметаме и кој ќе настапи на тој меч. Белгија располага со неверојатен ростер играчи, па без разлика кој ќе биде повикан или е во тимот тие секако се прв фаворит во групата и кој и да настапи во Скопје ривалот ќе биде многу силен. Елмас и Гарсија сорабутваа во Наполи, па секоја информација е плус за нас за да добро го изанализираме противникот“.

Милевски се осврна и на тоа дали овие два јунските натпревари може да бидат клучни во борбата за добар пласман.
„Ние сега единствено сме фокусирани на мечот со Белгија, а за Казахстан ќе размислуваме по 6 јуни. Мора да биде реални, и да кажеме дека неблагодарно е да имаме амбиции да бидеме првопласирани во една ваква група. Но, успешниот старт на квалификации секако ни носи мотив плус и за секој следен дуел. Да, не е тајна дека овие два натпревари ќе ни го дадат одговорот на прашањето дали ќе може до крај на квалификациите да се бориме за самиот врв. Јунскиот циклус, кој доаѓа по крај на сезона, секогаш ни бил проблематичен во минатото. Токму поради тоа сега мора секој од играчите и сите заедно максимално да се концентрираме за се што не очекува“ – истакна Милевски.
Натпреварот со Белгија македонската репрезентација го игра на 6. јуни на арената „Тодор Проески“ во Скопје, а дуелот со Казахстан е закажан за 9. јуни во Астана.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

