Милевски: Бевме перфектни во одбрана, лоши во организација

ЕКИПА во Гент, Белгија
Горан Бошев

Македонската репрезентација е задоволна од освоениот бод од Гент во Белгија и тоа што остана во конкуренција за пласман на Мундијалот до крајот.

Селекторот Благоја Милевски истакна задоволство од играта во одбрана, но имаше замерки од организацијата на нападите на нашиот национален тим.

„Можам да бидам задоволен од начинот на кој функциониравме во дефанзива, никако не можам да бидам задоволен како изгледавме во организација на играта, а тука има заслуга и противникот, но на крајот резултатот е супер за нас и задоволен сум од начинот на кој момците го „истуркаа“ овој натпревар. Добивме еден фактор „Икс“ и кога сме лоши во организација, да знаеме како треба и како одигравме во дефанзива. Тоа го покажаа на најдобар можен начин, но ова е веќе зад нас и веќе мислите ни се за понеделник“, изјави Благоја Милевски.

Селекторот истакна дека не бил планот цело време Македонија да се брани, туку да има повеќе посед на топката, но за такво нешто, како што напомена, „виновен“ е и противникот.

„Планот беше да функционираме многу подобро во организација, да ја имаме повеќе топката во своите нозе, но на некој начин противникот со својата агресивност и поставеност и дел од тактиката да ги удвојуваат нашите креативци придонесе да не функционираме најдобро во напад, но повторно ќе повторам дека извлековме максимум од овој натпревар, со оглед дека бевме лоши во организација, но затоа перфектни во дефанзива. Се радувам што остануваме конкурентни до крајот на овие квалификации“, изјави Милевски, кој и натаму го истакна проблемот со малата минутажа на играчите во клубовите.

„За мене најважно е што играат за Македонија. Се соочуваме константо со мала минутажа на нашите играчи клубовите. Тоа што го покажуваат тука е за секоја почит не само од мене, туку и од целата македонска јавност. Даваат се од себе да бидат повеќе конкурентни“, заврши селекторот на националниот тим.

Се вчитува...