Селекторот на репрезентацијата на Македонија до 21 година, Благоја Милевски во пресрет на утрешниот контролен натпревар против Црна Гора истакнува дека пресметката е важна од аспект на способноста на фудбалерите да се соочат со притисокот кој го носи еден ваков натпревар против подобро рангирана селекција од нашата.
„Натпреварот со Црна Гора пред се ќе биде показател за психолошката подготвеност на фудбалерите да покажат дека можат да се носат со притисокот кој го носи еден ваков натпревар со противник кој е подобро рангиран од нашата селекција. Верувам дека фудбалерите ќе го покажат својот квалитет и односот кон репрезентацијата ќе им биде на највиското ниво“ – вели Милевски, кој потенцира дека пресметката против Црна Гора е последниот филтер во селектирањето на фудбалерите кои ќе ги започнат квалификациите за ЕП 2019 во Италија.
„Поголемиот дел од играчите во составот во своите нозе веќе имаат натпревари од европските квалификации и затоа во моментов се во предност пред останатите. Но, секој што ќе добие шанса мора да го потврди квалитетот на теренот, на нив самите е дали ќе го задржат местото во репрезентацијата. Финалното селектирање за фудбалерите кои ќе ги започнат квалификациите за ЕП во Италија претставува натпреварот со Црна Гора“ – вели Милевски.
Натпреварот меѓу младата репрезентација на Македонија, која се подготвува за квалификациите за ЕП во Италија, против Црна Гора се игра утре од 14 часот на комплексот „Петар Милошвски“ во рамките на Куќата на фудбалот на ФФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА