ЕКИПА во Тбилиси
Горан Бошев
Отсуствата од репрезентацијата на Македонија, го принудија селекторот Благоја Милевски да прави неколку „рокади“, но и да ја смени тактиката и формацијата. Така согласно најавите, некои од репрезентативците ќе добијат сосема нови улоги од селекторот, а можеби за првпат националниот тим да игра со двајца напаѓачи, откако Милевски е на клупата на репрезентацијата.
Најголемата промена се очекува да се случи во нападот. Таму селекторот ќе отстапи од стандарната формација со еден шпиц и две крила, туку сега најверојатно ќе игра со двајца напаѓачи, односно со Милан Ристовски и со Бојан Миовски.
„Четворката“ позади се очекува да остане непроменета на тактички план, а има промени во кадарот. Тодороски се очекува да почне како десен бек, и заедно со Ашковски кој ќе оди малку понапред, ќе имаат задача да го неутрализираат најдобриот играч Кварацхелија. Не би било изненадување доколку Милевски на десната крилна позиција постави и стопер, па заедно со него да го неутрализираат најдобриот играч на Грузија, со тоа што во трансформација одбраната би била со „тројка“, а Алиоски да дејствува поофанзивно на левата страна, со тоа што Елмас би се „ротирал“ во средина.
Елиф Елмас се очекува да стартува како лево крило. Како играчи во „срцето“ на теренот се очекуваат да бидат Енис Барди и Стефан Спировски. Голот, сосема очекувано ќе го брани Столе Димитриевски.
Од националниот тим на Македонија ќе отсуствуваат Стефан Ристовски, Дарко Чурлинов, Аријан Адеми кои поради повреди не допатуваа во Тбилиси. На оваа листа на отсутни се приклучија и Бобан Николов, Кире Ристевски и Давид Бабунски кои поради тоа што немаа ангажман, не беа со националниот тим. Го нема поради повреда и Ваљон Етеми. Дополнителни главоболки на Милевски му создаваат и неизвесноста на Дарко Велковски и на Александар Трајковски. Велковски вчера пред крај на тренингот се пожалил на повреда, а, пак, Трајковски веќе три дена е со настинка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА