ЕКИПА во Кардиф, Велс
Владимир Булатовиќ
Македонскиот селектор Благоја Милевски верува дека комбинацијата од максимална сериозност кога е во прашање настапот за националниот тим, заедно со моментот дека се работи за финален чекор кон подобра позиција пред веќе обезбедениот бараж за Светското првенство 2026, ќе биде повеќе од пресудна за уште едно квалитетно издание на Македонија утре против Велс на „Кардиф стадионот“ во последниот меч од квалификациите за Мундијалот.
Македонската селекција е во низа од 14 натпревари без пораз, но сега дефинитивно го посакува и 15-от, клучен за освојување на првата позиција во групата и евентуално очекување шанса, во зависност од мечот на Белгија, и за трка за директен мундијалски пласман.
„Никогаш кога се игра за Македонија не недостасува мотивација, а посебно е сега во една исклучителна ситуација кога се бориме за една подобра позиција пред плеј-офот за пласман на Светско првенство. Тоа носи силен мотив за надигрување и успех. Веруваме дека ќе уживаме во натпреварот и ќе знаеме како да дојдеме до позитивен исход кој сите го посакуваме“ – истакна селекторот Милевски на прес-конференцијата во Кардиф веднаш дополнувајќи:
„Сите овие момци секогаш се во функција на тимот и знам дека секогаш срцето го оставаат овие фудбалери за националниот тим. Горд сум на нив за се што направија досега овие две години. Но, искрено сакам утре и да уживаат на теренот за се што направија досега во овие квалификации како потврда на нивниот квалитет. Знам дека со една таква демонстрација, ослободени од било каков притисок, ќе го дадат најдоброто од себе за да ја израдуваат Македонија“.
Што се однесува до дуелот со Велшаните….
„Не очекувам многу разлика во однос на претходниот натпревар, затоа што Велс како тим е тој што е, агресивна игра, висок пресинг, вообичаена тактика, и сигурно ќе играат слично. Многу се компактни, знаеме што не чека но знам дека ние сме подготвени за соодветен одговор“ – рече македонскиот селектор.
Натпреварот меѓу Велс и Македонија во последното коло од квалификациите за Светското првенство 2026 се игра утре со почеток од 20 часот на „Кардиф сити“ стадион во главниот град на Велс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

