Репрезентацијата на Македонија до 21 година ги доби противниците во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2023 година кое ќе се одржува во Романија и Грузија. Ждрепката воопшто не беше наклонета кон нашите надежи кои се најдоа во групата на смртта. Во Х сегментот тие ќе се сретнат со репрезентациите на Франција, Србија, Украина, Фарски Острови и Ерменија. Дополнително ќе биде одлучено кога ќе почнат квалификациите, поради целата ситуација предизвикана од пандемијата од коронавирусот.
„Групата е исклучително тешка. Франција е топ фаворит, Србија и Украина отсекогаш имале одлични млади фудбалери и секако ќе се борат за висок пласман. Фарски Острови е репрезентација во подем, тоа го потврдија во претходните квалификации во кои славеа против Црна Гора, Израел и Казахстан. Ерменија е исто така незгоден противник. Едноставно, нема лесен противник, но ние сме навикнати да одиме по потешкиот пат. Со сите репрезентации во групата имаме меѓусебни натпревари, но ова се нови генерации и нови фудбалери. Би било добро квалификациите да ги започнеме од септември, од причина што немаме ниту еден собир со новата генерација. Распоредот ќе го решаваме заеднички, но би сакал да одработиме барем два собири со неколку контролни натпревари пред официјално да го започнеме новиот квалификациски циклус“ – вели селекторот Благоја Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА