Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски, кажа дека најважно му е повиканите играчи да даваат добар перформанс на собирите и на тренинзите на националниот тим, без разлика на добрата или лошата форма во клубовите.
Милевски кажа дека реалноста е дека Македонија во моментов нема широк список на играчи кои ќе бидат на топ ниво за овие квалификации.
„Најважно ми е перформансот на играчите што ќе го видам на собир и на тренинзите. Факт е и реалноста е таа дека сме лимитирани со бројот на играчи кои се на ниво на овие квалификации. Најважно ми е кога ќе дојдат Алиоски или Елмас кои имаат слаба минутажа, дека се подготвени да се стават во функција на тимот. Секогаш потенцираме дека ќе биде пресудна таа натпреварувачка форма и минутажа, ако на некоја позиција имаме конкуренција па да одлучуваме. И јас сакам да имаме 50-60 фудбалери на топ ниво, кои ќе бидат конкурентни, но реалноста е сосема поинаква и се трудиме на секој собир да извлечеме максимум од секој играч, без разлика на минутажата во клубовите“, изјави Милевски.
Во однос на отстранувањето на Доријан Бабунски, Милевски објасни дека имал разговор со него, и дека не е повикан за тоа што не е задоволен од неговото издание на последните собири и натпревари.
„Перфомансот на Доријан Бабунски во својот клуб е едно, кога ќе дојде со репрезентација е друго. Мене ми е важен перформансот да го видам на тренинзите. Не само за Дориан, туку и за сите важи. Нема никаков проблем, јас разговарав со него и се е во ред и кога ќе сметам дека ќе биде подготвен да даде придонес во националниот тим, повторно ќе биде со нас“, рече Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА