Вечерашниот натпревар против Португалија воедно ќе претставува и крај на најуспешната ера на една македонска фудбалска селекција, со оглед на фактот дека голем дел од стандардните првотимци повеќе ќе немаат право за настап за младинската репрезентација. Токму затоа, селекторот Боби Милевски пред вечерашниот натпревар јавно им укажа почит на „хероите“ за испишаните страници во македонската фудбалска историја.
„Како селектор на Македонија на ова за нас прво, историско Европско првенство, но и како личност, чувствувам потреба и имам должност да ги испочитувам нашите херои кои во изминатите речиси три години дадоа придонес и безусловно се вложуваа во остварувањето на најголемиот резултат за македонскиот фудбал. Во зависност од потребите на тимот на натпреварот вечерва против Португалија ќе се обидеме на сите да им дадеме шанса за настап на ова Европско првенство. Иако натпреварот со Португалија нема судбоносно значење за нас, сепак е многу важен од аспект на градење на рејтингот на репрезентацијата и негово подобрување. Вечерва ќе се трудиме уште еднаш да покажеме, како и на претходните два натпревари дека излегуваме на терен со цел – да играме фудбал, да се надигруваме и да направиме се што е во наша моќ за да победиме. Дали ќе успееме во тоа ќе видиме по завршувањето на пресметката“, изјави селекторот на Македонија до 21 година, Благоја Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА