Македонската фудбалска репрезентација до 21 година со гостувањето кај Казахстан утре го продолжува квалфикацискиот циклус за пласман на Европското првенство. Ова е првиот од двата дуела предвидени за овој прозорец. Следниот предизвик е мечот против Израел на домашен терен. Нашиот тим во пресрет на овие два дуела има 10 бода, идентично како и утрешниот противник кој има и натпревар повеќе. Првата средба во Скопје заврши без победник 1-1.
„Секој следен натпревар е најважен. Така и овој со Казахстан. Секој натпревар има важност. Најважно е да бидат сите подготвени. Имаме одредени проблеми во составот. Откако конечно се собравме, одржавме единствен тренинг во полн состав пред патувањето. По промените кои ги направи УЕФА околу тоа кои селекции би се пласирале на Европското првенство, не ни останува ништо друго освен да се трудиме на секој натпревар да освоиме што е можно повеќе бодови и од тој аспект ниту сега, а и ниту никогаш не сме калкулирале со резултатот. Немаме простор за тоа. И на овој натпревар нема да биде ништо поразлично. На првиот дуел бевме доминатни, не ги искористивме шансите. Поуката е извлечена. Очекувам натпреварот да не биде многу поинаков во однос на таа средба. Сета она што ќе се случува на теренот ќе зависи од нашето издание и од тоа како ќе изгледаме ние на натпреварот“ – порачува селекторот благоја Милевски пред средбата со Казахстан.
Двете репрезентации се надеваат на палсман на втората позиција на конечната табела која потенцијално би можела да донесе бараж за пласман на Европското првенство.
„Сигурен сум дека сите што ќе истрчаат на натпреварот ќе бидат максимално подготвени и ќе дадат максимум за поволен резултат. Немаме многу простор за промена во тимот. Играчите се тие, квалитетот ни е тој. Мораме да правиме некои принудни измени поради повредите на Милан Ристовски и на Енис Фазлагиќ. Тоа ќе бидат двете измени во составот. Императив е да дадеме максимум, што ќе донесе тој максимум ќе видиме по завршувањето на овој прозорец“ – вели селекторот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА