Милевски избра: Верувам во Јаховиќ, немаме друг играч како Трајковски…

Селекторот Благоја Милевски е оптимистички расположен пред своето деби како селектор на сениорската репрезентација на Македонија, откако одличниот стратег денеска го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета за септемвриските квалификации за СП 2022.

Македонија најпрвин на 2 септември ќе ја пречека Ерменија, потоа ќе следи гостување против Исланд, за овој репрезентативен прозорец да биде затворен со домашниот дуел со Романија закажан за 8 септември.

„Се радувам на првиот собир, се радувам на повторна соработка со голем дел од соиграчите. Од 26-те фудбалери, со 17 од нив веќе сме соработувале. Целата наша концентрација е на натпреварот со Ерменија. Јас не сум изненаден од местото што го зазема во моментов, станува збор за квалитетна репрезентација која и во минатите средби од Лигата на Нации покажа дека е силен ривал со квалитетен селектор. Ние го анализиравме противникот, но најважно е ние да сме здрави и физички максимално подготвени за она што не очекува“, изјави Милевски.

Аријан Адеми дефинитивно отпадна од комбинација за овој двомеч, се уште неизвесен е настапот на Бобан Николов, а во нападот по подолга пауза се враќа Јаховиќ.

„Јас верувам во Јаховиќ, мислам дека неговото искуство ќе ни помогне во моментов, неговите квалитети и потенцијал ќе ни бидат голем помош во овој период на транзиција на репрезентацијата по откажувањето на напаѓачи како Пандев, Тричковски и Велковски“, прокоментира Милевски.

Тој се осврна и на повикот на Зајков и Трајковски, играчи кои сезонава немаат ниту еден настап на клупско ниво.

„Трајковски и Зајков можеби немаат настапи на клупско ниво, но за овие септемвриски средби се одлучивме за играчи кои имаат искуство од играње на вакви квалификациски натпревари. Јас и на првата прес-конференција најавив дека повик ќе добиваат само оние кои имаат минутажа во своите клубови, но на оние позиции на кои сме лимитирани во моментов, Аце Трајковски е играч каков што немаме во ростерот. Во комуникација со него ми кажа дека е физички максимално подготвен, јас знам дека тој е професионалец и ќе даде се од себе за да прикаже добра игра. Што се однесува до Зајков, тој ги мина целите подготовки со Шарлроа, по што замина во Левски, каде викендов би требало да го има и официјалното деби“, објасни македонскиот селектор.

Се вчитува...