Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Благоја Милевски смета дека индивидуалните грешки на поединци, преимпресионираноста можеби од противникот и секако индивидуалниот квалитет на српските репрезентативци го решија победникот на денешниот дуел против Србија.
„Честитки за победата на селекцијата на Србија, но честитки и за моите фудбалери кои дадоа максимум на терен, со желба и борба каква очекувавме од нив. Србија заслужено триумфираше иако имавме и ние свои шанси, посебно во второто полувреме кои не ги искористивме. Мислам дека од наша невнимателност ги примивме двата погодоци“ – рече по натпреварот Милевски, и дополни:
„Мора да напоменам дека некои фудбалери пружија помалку од сопствената можност, потенцијал и квалитет, но едноставно денешниот меч диктираше сам ритам, без разлика и на максималната желба за успех, и максималната борба на терен од секој поединец. Имавме моменти на мечот со многу наши грешки на средината од теренот, каде мислам дека го загубивме мечот. И сето тоа ќе го анализираме за подобри следни натпревари“.
Македонија, загуби на домашен терен по цели десет квалификациски средби без пораз…
„Ова е прв пораз на домашен терен по десет квалификациски средби во кои имавме седум победи и три ремија… Мислам дека некои фудбалери беа преимпресионирани од противникот, имаше и одредено недисциплинирано однесување на терен кое секако не е намерно но од преголема желба за успех. Но мора да се напомене дека игравме против еден одличен противник, кој како што реков и претходно е главен фаворит за првото место во групата. Србија беше подобар противник и заслужено победи на денешниот дуел, а како ќе биде понатака ќе видиме низ квалификациите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА