Милевски: Капа долу за играчите, веруваа во својот квалитет и го покажаа на теренот

Селекторот на Македонија, Благоја Милевски ја коментираше победата над Ерменија во 2. коло во Лигата на Нации. После разочарувачкото реми на Фарски Острови, Милевски овој пат видно расположен се појави пред новинарите на прес-конференцијата.

Милевски кажа дека им симнува капа на играчите за оваа победа, и дека покажале карактер кога било најтешко.

„Им честитам на нашите играчи, на фудбалерите кои уште еднаш покажаа и докажаа дека со право се тука и секоја чест на нив и капа доле. Јас напоменав и вчера дека во овие момци познавајќи ги нив како карактери, секогаш кога имале притисок и кога морале, секогаш биле не на висина на задача, туку и над тоа. Уште еднаш покажаа дека се во право, и секоја чест за нив, капа доле, рече Милевски.

Милевски откри што им кажа на играчите на полувремето, откако Македонија остана со играч помалку по исклучувањето на Зајков.

„Направивме корекции на полувремето и со измените. Што да им кажам на  вакви фудбалери освен да веруваат во својот квалитет“, изјави Милевски.

Дали шансите за Македонија после оваа победа се зголемија шансите за првото место во групата?

„Јас кажав и пред мечот со Фарски, и сега ќе кажам дека ако победиме денеска ќе бидеме први до крај. Не чекаат уште четири меча, одиме кон следниот меч. Како ќе завршиме во ноември се надевам на прво место, но имаме долг пат за одење“, рече предводникот на националниот тим и додаде:

„Вечерва го имавме тој момент на агресивност и на решеност. Жалам што првото полувреме не го завршивме со 2-3 гола разлика, но тоа е што е, момците одиграа одличен натпревар, и дадоа повеќе од она што можат во овој момент. Натпреварувачката форма која ја имаат не ми е нималку важна кога ќе дојдат да играат за Македонија, и тука заслужуваат честитки сите до еден“, вели Милевски.

Се вчитува...