Милевски: Македонија која јас ја замислувам секогаш игра на победа…, притисокот значи само мотив, ништо друго!

ЕКИПА во Рига, Летонија
Владимир Булатовиќ

Селекторот на македонската репрезентација, Боби Милевски верува дека неговите избраници ќе одиграат уште еден квалитетен натпревар за бодови во Групата 4 од Ц-Лигата на нациите на утрешниот натпревар против Летонија во Рига.

Неопходен е пристап на дуелот како што беше тоа против Ерменија за да се дојде до посакуваната цел…

„Како и секој противник и Летонија максимално ја почитуваме затоа што ако немате респект кон противникот не можете да го дадете најдоброто во насока на сопствената презентација на терен. Но, нашиот фокус единствено е како ние ќе изгледаме и функционираме, и ништо друхо. И претходно кажав дека само ние ќе се прашуваме низ овие квалификации за првото место во групата. Македонија која јас ја замислувам секогаш ќе оди на победа, така било и така ќе биде. Овие момци ја заслужуваат сета наша почит затоа што, без разлика каква е нивната ситуација во клубовите, секогаш даваат повеќе од максимум кога е во прашање националниот тим“ – истакна селекторот Милевски на прес-конференцијата во Рига, притоа дополнувајќи:

„Да, ние сакаме и да чувствуваме еден вид притисок на натпреварите, затоа што тоа на некој начин е и мотив за сите нас. Притисокот и очекувањата од јавноста значат дека таа очекува нешто од вас, а очекувањата значат дека досега сте покажале некаков квалитет што ги натерало да веруваат во вас. Вербата во овие момци е повеќе од значајна за успех. Јас, ќе повторам, силно верувам буквално во секој поединец тука затоа што заслужува да биде“.

Но, останува и фактот дека сериозни се проблемите околу составувањето на утрешниот тим…

„Секако ќе ни недостасуваат Чурлинов и Трајковски поради повреди, како и Зајков и Серафимов поради жолти картони, што ни задава проблеми околу креирање на составот. Но, знам дека сите оние ќе се најдат утре на теренот ќе го дадат максмумот како и секогаш во репрезентативниот дрес. Тоа го покажале и докажале многупати претходно“ – вели Боби Милевски.

„Што се однесува до креацијата на тимот, верувам дека успешно ќе мине и денешниот тренинг, сите кои се тука ќе бидат здрави и подготвени за утрешниот предизвик“.

Натпреварот меѓу Летонија и Македонија во 3. коло од Групата 4 во Ц-Лигата на нациите се игра утре со почеток од 18 часот на стадионот „Сконто“ во Рига.

Се вчитува...