Милевски: Ме радува нашата форма, се надевам дека ќе ја задржиме и против Украина

ЕКИПА во Прага
Горан Бошев

ФОТО: Роберт Спасовски

Македонскиот национален тим, утре во Прага го очекува најважниот натпревар во овие квалификации против Украина. Двете селекции со исто бодови влегуваат во финишот на циклусот, и онаа селекција која ќе победи, останува во игра до крај за пласман на ЕП 2024 година.

Селекторот Благоја Милевски кажа дека Украина е квалитетна репрезентација, но дека Македонија неколку пати низ минатото покажала дека може да се носи и со поквалитетни репрезентации.

„Освен Ѓоко Зајков кој не може да настапи, сите фудбалери се здрави и подготвени за настап. Секако дека не треба да се трошат зборови за селекцијата на Украина, составена од врвни играчи кои играат во топ лигите во Европа, но Македонија покажа дека може да биде конкуретна и со таков тип на репрезентација. Ме радува формата од последниот ФИФА прозорец, и се надевам дека ќе ја задржиме таа енергија од претходните натпревари“, изјави Милевски.

Селекторот се потсети на првиот меч во Скопје, кога Украина славеше со 2-3, по негатива од 2-0, и смета дека истиот нема да се повтори и утре во Прага.

„Утрешниот меч ќе биде комплетно различен од оној во Скопје, затоа што сме во фаза да сме на второто место со ист број на бодови, и само победа одговара на двете репрезентации. Очекувам отворен натпревар од двете страни. Што треба да направи Македонија да победи? Да биде фокусирана додека трае натпреварот, да не застанеме после првите 60-65 минути како што беше во Скопје. Го анализиравме тој натпревар неколку пати, и имаше аномалии и по наше водство од 2-0, но се надевам дека тие грешки нема да ги повториме“, рече Милевски.

Се вчитува...