Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Благоја Милевски заедно со тим-менаџерот Зоран Зафиров, на денешниот брифинг со медиумите информираше за комплетните идни активности на селекцијата до 21 година, плановите и визиите за изградба и на новата фудбалска генерација.
По повеќе од успешните претходни квалификациски циклуси кои младите ги минаа преводени од Милевски, сега следат нови предизвици за еден од најуспешните македонски тренери.
„Почнуваме со изградба на нова генерација која повторно ќе биде предводена од неколку репрезентативци од претходниот циклус како Фазлагиќ, Антовски, Ѓоргиевски, Гроздановски, Давид Тошевски, Елези…, но и Дарко Чурлинов затоа што тој е носиител во играта на младата репрезентација. Отворено побарав тој да остане во нашиот состав затоа што нема настапи и шанса во А-репрезентацијата и навистина нема потреба младите репрезентативци да шетаат постојано во разни возрасни селекции затоа што на крајот никој од тоа нема бенефит. Најмалку репрезентативците“ – истакна Милевски.
Младата селекција од 24. до 29. март ќе биде на силен меѓународен турнир во Анталија каде ќе игра со селекциите на Словачка, Бугарија и Казахстан.
„Квалификациите не чекаат од септември, но во изградбата на репрезентацијата повеќе од неопходен е еден филтер преку овој турнир во Анталија, но и потоа и уште еден турнир во јуни кои ќе не доведат до финалниот изглед на новата репрезентација“ – дополнува Милевски.
Како што е познато, за настап во македонската репрезентација во следните квалификации согласност испрати и членот на Мелбурн сити, Стефан Чолаковски, но поради строгите австралиски ковид-протоколи, и покрај желбата, нема да биде со селекцијата на турнирот во Анталија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА