Селекторот Благоја Милевски, како гостин во првата епизода од новиот спортски подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА, во разговор со македонската фудбалска легенда Дарко Панчев и новинарот на ЕКИПА, Горан Бошев, ги сподели очекувањата од новиот квалификациски циклус за пласман на Светското првенство 2026 и денешниот натпревар против Лихтенштајн во Вадуц.
Милевски истакна дека Македонија секако ја прифаќа фаворитската улога за мечот со Лихтенштајн, но знае и дека мора да се пристапи максимално ако сакаме триумф.
„Момците се свесни дека во денешниот фудбал нема лесни, тешки или помалку тешки натпревари, но на секој натпревар мора да пристапите максимално сериозно и да го дадете својот максимум, ако сакате успех. Во спротивно, не може да се надевате на ништо позитивно затоа што сите напредуваат со огромни чекори напред. Лихтенштајн покажа на некои натпревари последните шест месеци дека се работи за сериозен тим кој сега гледа простор за некаква сензација, но наше е да одиграме на нашиот максимум“ – рече Милевски, на кого се надоврза и Дарко Панчев.
„Сигурно дека е добро да ги почнеме овие квалификации со победа. Ние гледачите, а посебно оние помалку упатените секогаш овие репрезентации ги гледаме со одреден сомнеж дека се многу послаби, но јасно е дека во модерниот фудбал сите напредуваат. Во секој случај убаво е победа од Вадуц, затоа што потоа во Скопје пречекуваме далеку посериозна селекција како Велс против која, исто така, се надеваме дека нашите играчи ќе пружат максимална партија“.
Комплетната прва епизода од новиот проект на ЕКИПА, „ПРЕСИНГ со Дарко Панчев“ а во која гостува селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски ќе може да ја погледнете на 24. март (понеделник) на страниците на ЕКИПА и на youtube-каналот: ПРЕСИНГ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА