Само бод за Македонија во пресметката со Казахастан на домашен терен, кој го „украде“ директниот пласман на Мундијалот во 2026 година, и сега останува шансата за бараж.
Репрезентацијата одигра меч со многу осцилации во играта, со многу грешки, а потоа беше казнета со гол по лоша реакција во одбраната, но Барди успеа да го израмни резултатот.
„Сега да почне мечот, би сменил формација и стартниот тим. Влеговме нервозно во самиот меч, тоа можеби е резултат на напорниот меч со Белгија. Во првиот дел изгубивме доста дуели и тие втори топки, но реакцијата на играчите во второто полувреме беше нешто од кое сум задоволен. Не ме изненади Казахстан, но немавме доволен број на натпревари за подетална анализа. Сменивме потоа и формациски и играчи, и изгледавме добро во вториот дел. Секој треба да се стави во функција на тимот, без разлика на која позиција ќе игра. Миовски играше на таа позиција која е невобичаена, но мора да се стави на функцијата на тимот, и така немам замерка на ниту еден играч. Сметам дека со изданието во вториот дел заслужувме победа“, изјави Милевски.
Селекторот на Македонија рече дека фудбалерите одиграле два тешки и интензивни натпревари во овие октомвриски квалификации.
„Сите овие 180 минути беа интензивни. Периодот по влегувањето на Трајковски имавме 3-4 шанси за гол, но за жал не ги искористивме. Оставивме малку простор позади и можеше Казахстан да не казни. Но, тоа е фудбалот, може се да се случи. Мислам дека е реален тој резултат“, вели Милевски.
„Не верувам дека играчите го потценија Казахастан. Но, секогаш кога се играат такви натпревари како против Белгија и после тој резултат требаше да се соземеме и психолошки и физички“, потенцираше селекторот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

