Селекторот Благоја Милевски по натпреварот со Фарски Острови искажа задоволство од изданието на Македонија на вечерашниот натпревар.
Милевски кажа дека најважно е на овој меч да го види менталниот и психолошкиот момент на играчите, и рече дека е задоволен од пристапот, желбата и енергијата.
„Најважно од овој натпревар ми беше да го видам менталниот момент и психолошкиот момент, исто така да бидам сигурен да одиме во таа насока како што го замислувам тимот. Кога ќе подвлечеме црта после овие два меча, пристапот, желбата, ентузијазмот, енергијата која ја покажаа, посебно на овој денешниот, ме прави задоволен. И тоа во овој момент ми е најважно како одлична подлога што следува за јунскиот прозорец“, рече Милевски.
Милевски кажа каква е разликата на селекцијата која пред една година ја победи Италија, и сега оваа репрезентација.
„Не сакам да се навраќам после двата натпревари баражи против Италија и Португалија, затоа што имавме голем број отсутни фудбалери. Во меѓувреме имаме 12-13 нови, за кои што е потребно време да се создаде хемија меѓу нив, за сето она фудбалски да функционира како што треба и како што замислуваме. Не можеме да извлекуваме некои паралели и на она што било пред една година. И моменталната ситуација која ја имаат голем дел на фудбалери, не наликува на ситуацијата која ја имаа пред една година. Затоа не можеме да споредуваме, но она што го видов на овие два натпревари, реализацијата сум повеќе од сигурен дека ќе дојде. Без разлика дали е Малта, Фарски Острови или она што ни следува во јуни, пристапот и подготовката мора да ни биде иста, што го покажуваат фудбалерите, без разлика дали е квалификациски и пријателски. Оваа енергија која не краси мораме да ја сочуваме“, вели Милевски.
Селекторот уште еднаш повтори дека филозофијата на играта е Македонија да се брани од нападот, и да напаѓа од одбраната.
„Не е само одбраната кога се браните, или нападот кога напаѓате. Филозофијата која ја негуваме е дека одбраната почнува од нападот. Денеска не бев задоволен од првиот дел, и направивме некоја корекција на полувремето. Најважно ми е секогаш играчите и ростерот да ми биде здрав, да ги одминат повредите, а моменталната натпреварувачка форма не можеме да ја бараме, затоа што имаме проблеми, но кога ќе дојдат момците, ги тргаат на страна настапите на клубот и формата, тоа е помалку битно. Ростерот е тој, немаме преголем ростер за квалитет кој би можел да си дозволам за во некој момент да имаме 3-4-5 повредени играчи, и да не се почвуствува тоа во нашата игра, но сите овие играчи вклучени во А тимот покажуваат дека имаат квалитет. Секоја шанса која им пружена ја искористуваат на најдобар можен начин, и тоа е плус за мене затоа што имам опција на клупа“, вели Милевски.
На моменти на натпреварот со Фарски Острови, помошникот Стојановски диригираше од клупата. Милевски кажа дека тоа било како еден вид проба пред дуелто со Украина кој ќе го пропушти поради црвениот картон со Малта.
„Против Украина ќе го пропуштам поради црвен картон, и тоа е еден начин да функционираме како тим, без разлика дали ќе ја водам екипата од клупата или од трибина“, рече Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА