Милевски: Ние си го живееме нашиот сон за Светско првенство, и треба да уживаме во овој момент

ЕКИПА во Гент, Белгија
Горан Бошев

Благоја Милевски, селекторот на македонскиот национален тим пред утрешниот натпревар против силната Белгија, рече дека енергијата на селекцијата е силата која ги движи напред, и се надева дека и утре во Гент ќе се излече поволен резултат.

Истакна дека е горд на фудбалерите, и остана и натаму на ставот дека Белгија е прв фаворит во групата.

„Горд сум на нашите фудбалери на сето она што го покажаа во последните две години, со пласманот во Б сегментот во Лигата на Нации, со конкурентноста во нашата група, со обезбеден плеј-оф на Светското првенство, на сето тоа морам да бидам горд од сето она што го покажуваат. Секако дека енергијата која владее во нашиот тим е движечка сила која не води напред, и правецот кој не движи во иднина. Максимален респект кон Белгија, која е главен фаворит во нашата група, со одличен играчки ростер, но ние си го живееме нашиот сон се уште, и се надевам дека ќе останеме конкурентни во овие квалификации“, изјави Милевски.

Милевски вели дека Македонија има квалитет, и покажале и дека можат да се носат и со најквалитетните репрезентации во Европа.

„Можеби ни недостасуваат ваков тип на натпревари повеќе, но со пласманот во Б сегментот ќе ги имаме. Од таа страна сите контролни натпревари кои ги закажувавме беа со таа цел, да се навикнеме со таков тип на противници како Белгија, кои се на врвот на европскиот фудбал. Само така можеме да напредуваме и да ја оствариме нашата цел, и да бидеме на подолг период конкуренти со вакви репрезентации. Засега тој е правецот кој треба да го задржиме и понатаму, и кој ни дава надеж да се пласираме на Светско првенство. Момците се тие што се со големо искуство во репрезентативниот дрес, покажале дека и во минатото дека имаат квалитет, да бидат рамо со рамо до најквалитетните во Европа. Имаме пласман на младинско европско, имаме и на сениорско, но меч како меч не мора да значи ништо“, вели Милевски.

„Чест ми што работам со овие момци, секогаш го давале максимумот, никогаш не се штеделе, секогаш се на раб на максимум, и немам друг збор освен тоа дека задоволството е мое да работам со овие момци“, изјави селекторот на македонскиот национален тим.

 

Се вчитува...