Милевски: Одиме максимално до крај, не може никој да ни го одземе сонот за Мундијал

Благоја Милевски, селекторот на македонскиот национален тим ги објави имињата за престојните два квалификациски натпревари против Белгија и Казахастан.

Потоа Милевски се осврна на списокот на повикани играчи, и на престојните два натпревари.

„Идентичен е списокот како на последниот собир, освен Лирим Ќамили кој поради повреда нема да биде. Имаме двајца повратници во имињата на Ашковски и Давид Бабунски, и се надевам дека пред се сите ќе бидат здрави, и подготвени да се стават во функција на репрезентацијата“, рече Милевски.

Селекторот истакна дека секој натпревар понатаму до крајот е важен за Македонија за пласман на Мундијалот.

„Сите пет битки досега беа главни, така што сега следуваат уште главни битки. Секој натпревар е најважен, секој меч победа или пораз носи три или нула бодовите. Сите противници се подеднакво респектирани од наша страна, и тоа ни останува да го довршиме до крај овој циклус најдобро што можеме“, изјави селекторот на националниот тим на Македонија.

Милевски на прес-конференцијата истакна дека Белгија и натаму е фаворит за првото место во групата, но и дека никој на Македонија не може да го одземе сонот за пласман на Светското првенство.

„Иако никој не очекуваше да имаме волку бодови, цврсто стоиме на земја, свесни за предизвиците. Почитуваме секого. Белгија е натаму главен фаворит, со најквалитетен ростер, тука е и Велс. Но, Македонија покажа дека може да биде конкурентна, тоа беше и целта пред почетокот на овие квалификации. Но, не може никој да ни ја одземе надежта ниту сонот за пласман на Светско првенство. Следниот меч со Белгија ни е прв на менито, но подготовката е сосема иста како и против Лихтенштајн“, вели Милевски.

На прашање дали има некој притисок кај националниот тим поради првото место на табелата, Милевски истакна:

„Притисок секогаш ќе постои кај секоја репрезентација, затоа што целта е на сите да победуваат. Затоа има притисок секогаш. Кај Белгија дали има притисок, не знам. Дека се главни фаворити тоа е факт, од друга страна сите репрезентации имаат свои амбиции, како и Македонија. Главна цел ни е да покажеме дека неслучајно сме конкурентни во последно време, барем во овие последни две години, покажавме одреден квалитетен кој ја прави Македонија да биде конкурентна со посилни репрезентации од нас. Квалификациска група онаква каква што е ни носи предизвици и притисоци на сите нас, но тие се само позитивни“, рече Милевски, кој додаде дека најсилното оружје на Македонија ќе биде тимот и тимскиот дух.

Се вчитува...