Македонскиот селектор Боби Милевски низ подолга, од вообичаеното, прес-конференција по триумфот од 1-0 над Фарските острови и завршувањето на најуспешната квалификациска сезона во историјата одговораше на серија прашања од македонските медиуми.
Милевски отворено проговори и за се што се случуваше изминатава година во националниот тим, за бројни одговорени или неодговорени прашања, и за сите „отровни стрели“ кои уште по првото реми со Фарските Острови на стартот од Лигата на нации се нафрлија на него и репрезентативците и тоа од лица кои ја воделе и биле дел од националниот тим и од кои не може да се очекува такво нешто. За да сега Македонија и неговите избраници ги живеат најдобрите статистички моменти во историјата. Барем така говорат резултатите.
Не криеше македонскиот селектор дека секогаш го носат силни емоции кога го води националниот тим, притоа повикувајќи критиките да бидат насочени кон него, но сите ние да научиме да носиме поголема почит за репрезентативците и се што прават за Македонија.
„Емоции секогаш имало кај мене и ќе има, затоа што да го работиш тоа што го сакаш најмногу во животот секако мора да те води силен емотивен набој. Јас без емоција не можам да работам, и кога ќе ми снема емоција сам ќе си отидам. Затоа останав и после се што ни се случуваше во Манчестер. Без емоција не може да ја водиш својата земја. Дополнето и со прекрасните момци со кои работам. Тие се тие заради кои сум тука“ – истакна и дополни:
„Ништо и кон никого ниту имам, ниту сум имал било какви замерки. Бидејќи секој во денешно време може да го каже своето мислење јавно. Но, начинот на кој го искажува, останува на домашното воспитување. Единствено што можам да порачам е дека овие момци заслужуваат почит максимална за сето тоа што го даваат – не за мене туку за Македонија. Никој не е вечен, сите сме менливи. Македонија е само вечна. Но, ако нема минимум почит за тоа што некој го работи, тогаш залудна ни е сета борба. Затоа секој треба добро да размисли за своите постапки, и добро да размисли пред секој кажан збор“.
Селектор, уште еднаш, како и неколку пати претходно одговори на новинарско прашање и за ситуацијата со Стефан Ристовски.
„Сите знаеме чија е одлуката. Секој има право тоа што го мисли да го каже јавно. Моето мислење за Стефан како фудбалер е на највисоко ниво и му посакувам многу среќа. Но, тоа не беше моја одлука туку одлука на Стефан да се повлече од репрезентацијата, и тука завршува се што е на таа тема“ – рече Милевски.
Водачот на националниот тим даде и свое мислиње околу некои, сега веќе откако се стигна и до убедливи резултати во групата од Лигата на нациите, коментари за квалитетот на групата во која се најде Македонија.
„Слушам сега коментари дека сме имале лесни противници, и јас секако не се согласувам со нив. Само тој што не е упатен во фудбалот, кој воопшто не го следи денешниот европски фудбал, и онака само површно дава оценки без нити најмали познавања за состојбите во европски национални селекции, може да мисли дека сме имале лесни противници. Во модерниот фудбал не знам кој со таква леснотија може да каже за лесни противници, посебно ако се знае со состојбата на фудбалот и кај нас. Кој и да мисли дека Фарски острови и Летонија, а да не зборувам за Ерменија, не следи фудбал. Сите тие покажаа дека одат напред во фудбалот, и и тоа како се конкурентни“ – рече македонскиот селектор.
Милевски, коментираше и за пријателските натпревари на почетокот од годинава кои дадоа една слика за националниот тим
„Одлучив да играме силни контролни натпревари со две учеснички на ЕП, Чешка и Хрватска. Сето тоа што го видов од фудбалерите беше повеќе од доволно да ја создадам сликата за Лигата на нациите. Да, тогаш бевме подобри на натпреварите и со Молдавија, и со Црна Гора и со Чешка, но бевме критикувани затоа што резултатите не биле добро. Сега победуваме, момците реализираат најдобри резултати во историјата, но за некои и тоа, сега, не е доволно. Затоа барам конечно Македонија да даде поддршка на фудбалерите затоа што покажаа дека заслужуваат и многу повеќе од тоа“ – истакна Боби Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА