ЕКИПА во Ереван, Ерменија
Владимир Булатовиќ
Македонскиот селектор Боби Милевски, сосема очекувано, не го криеше задоволството од новата победа на националниот тим и веќе обезбедениот пат кон Б-дивизијата од Лигата на нациите на УЕФА.
Милевски уште еднаш покажа дека е вистински лек за ерменската репрезентација, комплетно тактички надмудрувајќи го вечерва противникот во пеколната атмосфера во Ереван пред 15.000 навивачи на „Вазген Саргсјан“ во Ереван.
„Прво и основно честитки за моите фудбалери за се прикажано во овој октомвриски циклус. Честитки за Ерменија која има навистина одлична селекција, но нашите момци вечерва беа подобри, покажаа дека имаат поголем квалитет и сосема заслужено дојдовме до посакуваната победа. Имавме одредени проблеми во првото полувреме кои ги корегиравме за време на паузата, и во вториот дел целосно доминиравме на терен, и ја контролиравме играта а имавме и повеќе можности и за поубедлива победа иако и домашните имаа некои изгледни шанси за погодок“ – истакна македонскиот селектор на прес-конференцијата, генерално анализирајќи го натпреварот со Ерменците.
„Имавме некоја конфузност во првиот дел, но навистина ме радува што овие момци се фудбалски издигнуваат заеднички над се. Живеат еден за друг и така играат. Таа тимска игра која не краси сега, тој тимски дух е наша најголема радост и таа ги издигнува и над индивидуалните грешки кои се случуваат на терен, а кои во фудбалот мора да се случуваат, но потоасе враќаат на најдобар можен начин. Тоа ја покажува нивната големина. Се радувам што заедно со стручниот штаб успеавме да создадеме група на момци кои се пред се извонредни, карактерни личности, а потоа и феноменални фудбалери кои формираат еден голем колектив. Тоа беше наша цел и знам дека успеваме во тоа“ – дополни Милевски.
А, околу тоа на кого може да се посвети оваа победа и веројатно пласманот во Б-лигата на УЕФА Лигата на нациите.
„Оваа победа ја посветувам на целиот мој заеднички тим – Македонија. А во тој мој заеднички тим се пред се фудбалерите, а потоа и стручниот штаб, комплетното раководство на ФФМ и сите во ФФМ кои ни ја овозможуваат целокупната логистика, како и целата македонска јавност и медиумите. Тоа е нашиот заеднички тим на кој и се посветува оваа победа“ – рече Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА