Македонија утре во пресметка со Ерменија во дуел „да се биде или не“ во групата. Токму Ерменија е најсериозен кандидат на Македонија за првото место во групата во Лигата на Нации, барем такви се очекувањата од селекторот Благоја Милевски.
Разочарување беше резултатот од првото коло, кога Македонија одигра само нерешено со Фарски Острови во Торшавн, а сега селекторот Милевски вели дека веќе тој дуел е заборавен и дека целата концетрација е кон дуелот со Ерменија.
„Секако дека ментално не е сменето ништо, познавајќи ги моите фудбалери тие се подготвени за секој нов предизвик. Разочарани сме од резултатот со Фарски Острови, но дуелите меѓу Македонија и Ерменија ќе одлучат кој ќе биде прв во оваа група. Зад нас се Фарски Острови и сите мисли се на Ерменија. Сето тоа што беше на теренот на Фарски Острови и доминацијата која ја имавме докажа дека бевме подобри. Единствено проблем ни беше реализација“, рече Милевски.
Тој додаде дека кај играчите секогаш постои притисок, поради големите очекувања од јавноста, но и од самите играчи.
„Притисок секогаш постои, неважно е дали е прво или последно коло. Очекувањата не се само од јавноста, туку и од нас самите. Моите фудбалери ментално се силни и способни за утре да направат добар резултат“, вели Милевски.
Селекторот на националниот тим уште еднаш напомена дека овие играчи се најдобрите со кои Македонија располага во моментов.
„Фудбалерите според мене тие што се на овој собир се најдобрите во моментов. Секогаш кој и да е од нив, кога настапува за Македонија дава и повеќе од својот максимум. Никогаш не била значајна неговата клупска форма со перформансот кој го дава во репрезентација. Секогаш го гледам индивидуалниот потенцијал на секој репрезентативец и по тоа гледам кого ќе викнам и кој ќе настапува. Разговараме на ментален план да се подготвиме најдобро. Македонија секогаш кога била под притисок дека мора, била на нивото, барем јас додека сум селектор во последните 10 години. Сите мечеви кои одлучувале за нешто, овие момци знаеле да се носат со притисокот“, изјави Милевски кој најави дека ќе има промени во составот.
„Секако дека ке има промени во составот, но кои ќе видиме утре“, заврши Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА