Македонската фудбалска репрезентација ќе има можност единствено преку престојните два пријателски натпревари со Финска (17. ноември) и Азербејџан (20. ноември) во Скопје да реализира подготовка на тимот со кој ќе располага селекторот Благоја Милевски за квалификациите за ЕП 2024 кои почнуваат во март следната година.
Ова се единствените тест-дуели кои Македонија ќе ги има пред мартовскиот квалификациски почеток па и единствена можност за селекторот Милевски околу креирањето на тимот кој ќе треба да го бара патот до ЕВРО 2024.
Токму затоа на располагање се сите расположиви сили, со исклучок на повредените Аријан Адеми, Александар Трајковски, Тихомир Костадинов, Ердон Даци, Милан Ристовски и Дарко Чурлинов, кои секако ќе бидат на располагање низ квалификацискиот циклус.
Националниот тим попладнево на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во комплексот „Куќа на фудбалот“ го одработи првиот тренинг во очекување и на дуелот со Финска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА