Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Благоја Милевски нагласува дека целта на фудбалерите до 21 година низ продолжението од квалификациите за ЕП во иднина ќе биде собирање што поголем број бодови како би се атакувало на второто место во квалификациската група како можност за пласман на Европското првенство.
„Поради промената во системот за натпреварување и начинот за пласман на Европското првенство, (првопласираните по група и петте најдобро пласирани втори репрезентации обезбедуваат место на ЕП), не ни преостанува ништо друго освен да се обидеме да освоиме колку што е можно повеќе бодови до крајот од квалификацискиот циклус. За овие натпревари ќе ни недостасуваат, односно нема да сметаме на Јани Атанасов и Емил Абаз, фудбалери кои се уште го немаат решено клупскиот статус, а поради повреда го немаме ниту Хајдари. Неизвесен е и настапот на Серафимов, но се надевам дека ќе се опорави од повредата, веќе е во тренажен процес и ќе биде во конкуренција за настап. Имаме неколку дебитанти, Алчевски, Тодоровски, Тошевски, Младеновски, Шеји и Фазлиу кои се надевам дека ќе ја зголемат конкуренцијата во тимот и ќе дадат придонес во нашата игра“ – истакнува Милевски.
Што се однесува до пресметката со Шпанија на 3. септември во Скопје…
„Шпанија е голем фаворит, не треба да се потенцира посебно нивниот квалитет, но јас се надевам дека ќе бидеме на нивото од првото полувреме од нашиот меѓусебен дуел во Шпанија и квалитетно ќе се спротивставиме“ – вели Милевски и дополнува:
„Околностите во кои работиме сега и пред три години се сосема различни. Искуството кое го носиме од Европското првенство во Полска ни дава за право да предвидуваме некои работи и да бидеме свесни за нашите можности. Главна задача за нас сега е да создаваме фудбалери кои во иднина ќе бидат дел од А репрезентацијата“.
Македонија по четири одиграни натпревари во групата е на делба на третата позиција со 7 бода, еден помалку од Израел кој на второто место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА