Фудбалската репрезентација на Македонија со тешка победа над Малта од 2-1 ги почна квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година во Германија.
Селекторот Благоја Милевски по натпреварот вели дека не знае зошто на крајот доби црвен картон.
„Честитки за момците за тоа што го покажаа вечерва и желбата за победа. Напоменав и пред натпреварот кога играте со екипи како Малта дека се најопасни. Можеше да заврши и со повисок резултат, но штета е што примивме на крајот гол. Што се однесува до црввениот картон, не ми е јасно зошто го добив. Ниту приговорив, ниту било што друго, но тоа е ведување на четвртиот судија“, изјави Милевски.
Тој додаде дека му е навистина криво што на крајот разликата не беше поголема.
„Се повеќе и повеќе наликуваме на тим што го посакувам. Сите како карактери се одлични момци. Задоволен сум од тоа што го одиграа момците и навистина ми е криво во завршницата што не победивме со поголема разлика“, додаде Милевски.
Околу ситуацијата при изведување на пеналот кој подоцна со ВАР беше поништен, а во која Алиоски и Елмас се расправаа кој да го шутира казнениот удар, селекторот Милевски вели дека немало никаква расправа и дека се знае кој е изведувач на пенали, иако не сакаше да го даде името на репрезентативецот.
„Моите фудбалери не се расправаа кој ќе го изведува пеналот. Добро се знае кој е изведувач и само доколку тој не се чувствува подготвен во моментот по дискусија ќе ја преземе некој друг одговорноста“, заврши Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА