ЕКИПА во Гдиња,
Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски
Македонија утревечер (20.45 часот) во Гдиња ќе го игра третиот натпревар на Европското првенство во Полска, а противник е Португалија. По поразот од Шпанија, и ремито против Србија, најавите од нашиот национален тим се оптимистички, посебно околу приодот на македонските фудбалери што секако ќе биде максимално сериозен, и со желба за да се оствари првиот триумф.
„Португалците се одлична селекција, ја респектираме нивната низа без пораз која ја имаа се до мечот со Шпанија на ова ЕП, но истото е и со нас. И ние имавме таква завидна серија, и сигурно дека не сме за потценување. Не сакам да коментирам ставови на противниците, меѓутоа сигурен сум дека нема да решаваат изјавите, туку играта на двете селекции на теренот. Верувам во моите момци и знам дека ќе одиграат најдобро што можат, а со таков приод ние сме ја оставиле зад нас во квалификациите и една „милионерска“ селекција на Франција“, изјави селекторот Благоја Милевски, на официјалната прес – конференција.
Тој потенцираше и дека ќе има неколку измени во составот, а ќе се задржи офанзивниот стил на игра.
„Ќе има неколку измени, тоа го најавив, но сигурно дека тие што ќе истрчаат на теренот ќе бидат максимално подготвени и мотивирани. И ќе играме офанзивно и на утрешниот меч“, дополни селекторот Милевски.
Дефанзивецот Ѓоко Зајков, кој утре ќе ја носи капитенската лента, ја пренесе позитивната атмосфера меѓу фудбалерите, во пресрет на дуелот со Португалија.
„Утре го играме третиот натпревар, противник е Португалија, една силна селекција, но ние сме подготвени и ќе дадеме се за да ја израдуваме повторно нацијата. Посакуваме триумф, и ќе дадеме и повеќе од максимум за да оствариме позитивен резултат. Одигравме два тешки натпревари, против Шпанија и против Србија, но секако дека ќе смогнеме сили за да одиграме најдобро што знаеме и против Португалците. Верувам дека можеме да стигнеме и до првата победа“, изјави Ѓоко Зајков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА